Реми на Вардар во Белорусија: Бод голем како планина

Во тежок натпревар со многу надигрување и постојана негатива при која најголемата беше од пет гола екипата на Вардар успеа да стигне до нерешени 31:31 со што од второто гостување сезонава во Брест се врати со еден поен.

Почетокот на средбата мина во знакот на домашните. Мешков Брест долго беше во предност од еден до два гола. Имаше целосна контрола на играта и успеваше да го има мечот под контрола. Сепак, после 20 минути игра Вардар се врати во средбата и почна да ги менува работите.

Откако успеа да поведе во финишот од првото полувреме, сепак, со неколку грешки беше загубен потребниот ритам, па тимот на Мешков замина на одмор со 14:13.

Второто полувреме почна премногу лошо за Вардар. Противникот дојде до висока предност и при 25:20 досгигна високи пет гола кои најавуваа убедлива победа за тимот на Мешков Брест. Во тие моменти беше навистина тешко бидејќи Вардар почесто беше со играч помалку на теренот бидејќи судиите делеа постојано две минути.

И покрај тоа Вардар успеа да најде сили и во завршните десет минути да ја стопи негативата. Имаше и во овој период грешки, но и противникот не беше на нивото од почетокот на второто полувреме, па во финишот се влезе со гол негатива.

На 36 секунди до крајот Парондо побара тајм-аут при 30:31, а Кристијан Дисингер го израмни резултатот на неполни десет секунди до крајот. За Мешков Брест остана време за брз напад, но немаше реализација, па дојде до поделба на пленот.

МЕШКОВ БРЕСТ – ВАРДАР         31:31 (14:13)

Сала: „Викторија“ во Брест. Судии: Мартин Гјединг и Мадс Хансен од Данска. Делегат: Алин-Сегиу Чиригеану од Романија.

МЕШКОВ БРЕСТ: Пешиќ, Мацкевич, Кулак 0/4, Шкурински 3/8, Јуринок 2/2, Потеко, Ивиќ 0/1, Шумак 2/2, Баранау, Хорак 4/6, Разгор 3/3, Обрановиќ 4/6, Селвасјук 0/1, Ѓукиќ 7/9, Ѓорѓиќ 2/3, Шилович 4/6.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 10 мин.

ВАРДАР: Милосављев, Гедбан, Стоилов ¼, Оцвирк, Поповски, Кристопанс 8/9, Дисингер 5/7, Карачиќ 4/8, Скубе 1/1, Калараш 1/1, Чупиќ 3/6, Дибиров 5/7, Шишкарев 3/3, Војводиќ, Кисељев, Мишевски.
Седмерци: 5/6, Исклучувања: 12 мин.