Вардар рутинирано ја заврши полусезоната пред домашна публика со победа

Во натпревар од 11-то коло од СЕХА лигата Вардар во Скопје ги пречека ракометарите на Борац од Бања Лука. Вардар според очекувањата одигра еден рутински натпревар кој го заврши со победа од 31-26.
Горбок беше ракометарот кој беше најрасположен за постигнување голови. Во осмата минута Добривое Марковиќ постигна гол за првото водство од три голови на натреварот 4-1. Безбрадица во 11-та минута го доближи Борац на само еден гол негатива 5-4. Терзиќ и Тоскиќ ја вратија највисоката предност на Вардар која ја одржуваа до крај на првото полувреме. Тоскиќ во 29-та минута ја зголеми предноста на црвено-црните на четири голови 14-10, а Јанковиќ го постави конечниот резултат 14-11 по 30 минути игра.
Второто полувреме помина во комплетна доминација на домаќините. Прибак ги постави првите пет голови предност за Вардар во 33-та минута, а Шишкарев две минути подоцна беше прецизен за 19-13. Од 40-та минута благодарение на расположениот Терзиќ, кој постигна пет погодоци за 10 минути, ја зголеми предноста на недостижни седум голови предност, 26-19 во 50-та минута и 27-20 две минути подоцна. Во последниот период се обиде и Растворцев кон голот на Абаџиќ, но беше прочитан. Борац се доближи на четири голови (29-25) во 58-та минута. До крајот на натпреварот Вардар постигна уште два погодока, додека Чераниќ го заокружи натпреварот со својот трет гол за конечни 31-26
Најпрецизен на натпреварот беше Стефан Терзиќ со осум голови, на спротивната страна Тривунџа постигна седум погодоци.