Вардар продолжува ослабен: Мораес оди на операција! (ФОТО)

Тимот на Вардар во продолжение од сезоната ќе мора да се снаоѓа со Стојанче Стоилов и со Глеб Калараш на пивотменската позиција. Бразилецот Рожерио Мораес Фереира на својот Инстаграм профил објави дека вчерашниот меч со Барселона бил негов последен оваа година за македонскиот тим.

„Денеска беше мојот последен натпревар годинава за Вардар, утре ќе правам операција на коленото. Не ми беше лесно да играм три месеци со болка. Се враќам наскоро“, напиша Мораес.

Операцијата ќе биде направена денеска, а колку долго ќе биде неговото отуство ќе се знае дополнително. Веројатно ќе биде подготвен за завршниот дел од сезоната, доколку се оди како што треба со процесот на рехабилитација.

Вардар до крајот на годинава ќе одигра уште осум средби, три во Лигата на шампионите и пет во регионалната СЕХА лига.