Вардар пред првиот посериозен испит во својата арена: Рајн Некар Левен гостува во “Јане Сандански”

Вардар денеска од 19:30 часот во својата арена “Јане Сандански” ќе биде домаќин на моментално еден најдобрите светски тимови, Рајн Некар Левен. Германскиот вицешампион по првите две кола има половичен успех од една победа и еден пораз. Во првото коло на свој терен германците го декласираа тимот на Монпелје со 35-24,а во второто коло беа поразени на теренот на кој оваа година ретко кој тим ќе може да се надева на победа, од екипата на Веспрем со 27-24. Затоа на едно од најважните гостувања во оваа група германците сакаат да го освојат целиот плен кој може да се покаже како решавачки во креирањето на судбината за едно од првите места во групата Ц. Екипата на Вардар одлично ја започна овогодинешната сезона во ЛШ и натпеварот против Рајн Некар Левен го очекува од првата позиција на табелата. Најпрво на гостински терен во Целје беше забележана тешка но доста значајна победа против домашниот тим со 27-26, за во второто коло во премиерниот натпревар во новата арена “Јане Сандански” да биде декласирана екипата на Чеховски Медведи со 39-28. Екипата на германскиот вицешампион ќе биде првиот посериозен испит за Вардар во оваа сезона и тоа во новата арена каде атмосферата несомнено ќе кулминира на овој натпревар. Ова ќе биде и натпревар помеѓу двата најдобри голмани на денешницата Арпад Штербик и Никлас Ландин.


РАЈН НЕКАР ЛЕВЕН


Екипата на Рајн Некар Левен е една од најдобрите ракометни екипи на ракометната карта. Минатата година имаа импресивни настапи и во ЛШ и во Бундеслигата, но и во двете натпреварувања немаа среќа. Во ЛШ во контроврзниот двобој против Барселона иако според многумина беа подобри, беа елиминирани и не се пласираа на “фајл-фор” турнирот во Келн. Во Бундеслигата титулата ја изгубија на гол-разлика буквално во последните секунди. Затоа се решени оваа година да ги наплатат сите долгови и да стигнат на врвот на Европа и во Германија. Сезоната 2014/15 не ја започнаа во истата препознатлива форма со која ја завршија минатата сезона. Според многумина тоа се должи на промената на тренерската позиција и доведувањето на новиот тренер Николај Јакобсен, кој со своето доаѓање доведе и нова концепција во играта на Рајн Некар. Покрај промената на тренерската позивција, тимот го напуштија доста важни ракометари пред се во одбраната. Никола Манојловиќ, Сергеј Горбок, Рогиш, Шешум, Исаја Гвардиола, Продановиќ,вториот голман Стојановиќ се ракометарите кои го напуштија Левен. Тренерот Јакобсен на тоа одговори со доведување на млади сили како Данецот Мадс Менсах Ларсен, Норвежанецот Харалд Реинкинд, и според многумина најдобриот германски талент Тим Сутон. И покрај сите промени, во Левен се убедени дека и оваа година ќе играат значајна улога и во ЛШ и во Бундеслигата.

СЕЗОНА 2014/15

Новодојдени ракометари:

Николај Јакобсен (тренер, Алборг)
Бастијан Рутчман (Гепинген)
Харалд Реинкинд (Фулинген)
Мадс Менсах Ларсен (Алборг)
Стефан Кнер (Магдебург)
Тим Сутон (Саарлоис)

Заминаа:

Гудмундур Гудмундсон ( тренер, Дански национален тим)
Томас Свенсон (асистент тренер, Магдебург)
Горан Стојановиќ (Ел Џаиш)
Исаја Гвардиола(Алборг)
Никола Манојловиќ (Мешков Брест)
Рајко Продановиќ (Пик Сегед)
Сергеј Горбок (Вардар Скопје)
Жарко Шешум (Гепинген)
Оливер Рогиш (крај на кариера, асистент тренер и клупски менаџер)