Вардар по три од три во СЕХА: Мешков последен тест за шампионот пред Лигата на шампионите

Ако има некој тим кој со задоволство патува во Скопје да му гостува на Вардар, тоа е Брест Мешков. Белорускиот шампион е единствениот тим што во последниве две сезони во СЕХА Лигата успевал да освојува бодови во Скопје. Овој натпревар меѓу Вардар и Брест е прогласен за дерби на колото во регионалната лига.

Вардар според очекувањата, стартуваше со две победи, против во Металург во градското и македонското дерби, а посебно беше импресивен на дуелот со словенечкиот вицепрвак Горење. Мешков доаѓа во Скопје во победничка атмосфера откако го изненади Целје на гостински терен во второто коло.

Вардар и Брест Мешков летово го спои уште една работа, а тоа е трансферот на летонскиот џин Даинис Кристопанс, кој по две години си замина од Белорусија. Тој ќе игра против својот поранешен тим, а иста таква средба ќе биде и следната против Татран Прешов, каде мина шест сезони.

Брест Мешков лани беше единствениот тим во СЕХА Лигата што си замина со бод од Скопје, а во претходната сезона, го однесе и целиот плен, кога славеше со 27:28. Овој дуел кој се игра денеска со почеток во 17:45 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде последна проверка за вардарци пред стартот на Лигата на шампионите и гостувањето во Полска, кај Висла Плоцк.