Вардар потпиша со нов пивот: Човиќ како замена за Фернандез во „црвено-црниот“ дрес

Откако Бегоња Фернандез објави дека го напушта македонскиот првак, екипата на ЖРК Вардар како нејзина замена ја ангажираше младата хрватска ракометарка, Андреа Човиќ.
Човиќ е родена во Сињ, и со своите 21 години се смета за една од најперспективните млади ракометарки. Ги мина сите младински селекции на Хрватска, а е дел од списокот на сениорската репрезентација на Хрватска. Оваа сезона во Лигата на шампионите постигна 12 гола за Подравка во шест одиграни натпревари.

Извршниот директор на Вардар, Давор Стојановски за официјалната страна на клубот изјави:

„Се решивме за млада и перспективна ракометарка која допрва треба да „експлодира” и да го покаже и потврди својот квалитет. Пивотменската позиција сезонава ни беше една од дефицитарните позиции и со својата младост веруваме дека одлично ќе се вклопи во системот на работа на Вардар и ќе внесе свој белег во следните клупски резултати.“

Човиќ со управата на клубот потпиша тригодишен договор.