Вардар потешко од очекувањата славеше над Металург

Во заостанатиот дерби натпревар од 3.коло на македонскиот ракометен плеј-оф, ракометарите на Вардар во СЦ”Јане Сандански” го совладаа Металург со резултат 26-22 (14-11).
Ракометарите на Лино Червар пружија одличен отпор вечерва, и на моменти овој дуел потсети на натпреварите кои овие две екипи ги играа во изминативе години.
По израмнетиот почеток на натпреварот во кој и двете екипи се менуваа во водство, Талевски со два гола ја донесе првата позитива од +2 (6-8) за Металург. Вардар одговори со серија од 3-0 по која повторно го врати водството 9-8, но Матиќ и Бувиниќ се погрижија за ново израмнување 11-11 во 27.  минута. Во последните три минути од првиот дел следуваше нова серија од 3-0 на Вардар по која “црвено-црните” заминаа на пауза со водство од 14-11.
MAK (rakomet) Vardar-Metalurg 04.05.2016-5586

Металурзите одлично го отворија второто полувреме и по само шест минути игра со голот на Кузмановски стигнаа на гол негатива 15-14. Одличен во тие моменти на голот на Металург беше 18-годишниот Мартин Томовски кој успеа да запре неколку тешки удари на противникот. До самиот финиш на натпреварот Вардар на двапати успеа да ја врати предноста од +3 која ја имаше на полувреме, но Металург секогаш имаше одговор и се враќаше во игра. На пет минути до крајот Манасков ја донесе најголемата предност на црвено-црните 23-19, но расположениот Талевски со нова два гола успеа да намали на 24-22. Последните два погодока беа дело на вардаровите ракометари Циндриќ и Манасков за конечни 26-22.

Најпрецизни во составот на Вардар беа Манасков со шест и Македа со пет голови. Страхиња Милиќ имаше добар натпревар на голот  запишувајки 14 интервенции зад своето име.
Филип Талевски кој веќе започнува да го оправдува епитетот најголема надеж на македонскиот ракомет беше најпрецизен со осум гола, а го следеше Матиќ со четири погодока. Младиот Мартин Томовски на голот на Металург собра шест интервенции за едно полувреме и покажа дека ќе биде иднината на голот на Македонскиот национален тим.