Вардар поразен во Германија: Јана Краусе му донесе победа на Турингер

Во натпревар од последното коло од групната фаза во Лигата на шампионките, Вардар на гостувањето во Нордхаузен минимално загубија со 21-20.
Домаќинот го искористи почетниот дел од натпреварот и набрзина поведе со 2-0 преку Енгел и Надгорнаја. На ракометарките на Вардар им беа потребни 15 минути да се адаптираат на играта на германките.”Вардарки” ја зацврстија одбраната и одлично ги превземаа ракометарките на Турингер што значеше прво израмнување на натпреварот на 4-4 преку погодокот на Барбара Лазовиќ во 12-та минута. Првото водство на гостинките го донесе Андреа Пенезиќ за 5-6 по првата четвртина. Домаќините не се предадоа и повторно го превземаа водството, се до 22-та минута. Јулија Николиќ,Зебиќ и Пенезиќ го донесоа првото водство за македонскиот шампион од два гола, 9-11. Со истата разлика заврши и првото полувреме откако Зебиќ беше прецизна од линијата за 7 метри за конечни 10-12.
Почетокот на второто полувреме помина во знакот на Черноиваненко која ги донесе првите три голови предност за Вардар, 10-13. Натпреварот сеуште не беше решен, Турингер од 35-та до 43-та минута со серија од 4-1 го израмни резултатот на 15-15, а по исклучувањето на Пенезиќ, Надгорнаја во 45-та минута го враќа водството на домаќините,15-16, со својот шести гол. Во последната минута Вардар влезе со резултат 20-20 и пенал кој неуспешно го изведе Маја Зебиќ, одличната Јана Краусе го одбрани пеналот, а во следниот напад Надгорнаја ги постави конечните 21-20.
Најпрецизна на натпреварот беше Надја Надгорнаја која постигна 8 погодоци и заедно со голманката Краусе, која собра 20 одбрани, беше најзаслужна за победата. Кај Вардар, Пенезиќ со шест и Лазовиќ со пет погодоци беа најефикасни.