Вардар покажа кој е европски шампион: Иранците на -8 за почеток на Супер Глоуб

Во првиот натпревар од Супер Глоуб турнирот во Доха, европскиот шампион Вардар обезбеди пласман во полуфиналето со победа над иранскиот првак Нафт О Гашаран од 30-22. Во следниот натпревар за финалето можен противник ќе му биде составот на Барселона.

Неизвесноста траеше 20 минути. Криштопанс го отвори резултатот, но Ианците постојано беа во чекор со македонскиот првак. Затоа во почетните седум минути иранците имаа предност и од два погодока (2-4). Следеше одговор од Вардар и серија од 4 голови за прва предност на “црвено-црните” од +2, 6-4. Но составот на Нафт О Гашаран не се предаде, во следната минута го израмни резултатот, а двете екипи продолжија во исто темпо.

Натпреварот се прекрши во средината на првиот дел кога Борозан ја започна својата серија од три погодоци, а продолжија Дибиров и Криштопанс за 12-8 во 22. минута. До крајот на првиот дел вардарци успее да зголемат на +5, разлика со која се замина на полувреме, за конечни 15-10.
Во вториот дел, продолжи доминацијата на Вардар. Циндриќ на двапати, Македа, Пишкарев и Војводиќ ги одведоа “црвено-црните” на највисоки девет голови предност по само пет минути игра, за 19-10.
Во рутинирана завршница, македонскиот претставник ја контролираше играта и резултатот, а Иранците успеаа да се доближат само до -6 во средината на вториот дел. Иако тренерот Гонзалес ја промени играта и се обиде со Војводиќ на крилна позиција, Вардар беше конкурентен на терен и само промашувањата и лошата изведба на ударите од седум метри не го одведоа европскиот шампион кон двоцифрена разлика. Иранците ги искористија промашувањата на Вардар и дојдоа до пет голови негатива на осум минути до крај. Но „црвено-црните“ не дозволија никакво изненадување и до крајот ја вратија високата разлика за конечни 30-22.
Циндриќ со 6 погодока беше најефикасен ан теренот, додека во првиот дел Карачиќ и Борозан постигна по 4 голови за црвено-црните. Одличен меѓу стативите беше Страхиња Милиќ, особено во средината на вториот дел кога Иранците се обидоа да се доближат до водството на противникот.