Вардар под шпанска команда и во следните две сезони

Шпанското тренерско дуо Раул Гонзалес и Дејвис Камара останува на чело на македонскиот шампион Вардар и во наредните две години.
Раул Гонзалес во функција на главен тренер, а Дејвис како негов помошник во следните две сезони ќе се обидат да го донесат најголемиот македонски клупски ракометен успех-пласман на Ф4 турнирот во Келн.

„Со нашите тренери уште по завршувањето на сезоната имавме договор за продолжување на соработката. Сега, на почетокот на подготовките само ги конкретизиравме деталите. Тие ќе останат дел од клубот уште најмалку две сезони. Секако дека сме задоволни од досегашната соработка. Трипати стигнавме во четврт-финалето на ЛШ, ја освоивме СЕХА лигата и плус бевме финалисти, и ја одбранивме двојната круна во домашното првенство. Тоа се доволни препораки за останување и заеднички обид да се направи нов чекор напред во сезоната што доаѓа. Вардар секогаш има високи спортски цели и веруваме дека овој стручен штаб може да ги оствари, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар”- изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар за клупскиот сајт.

Вардарци веќе ги стартуваа подготовките за престојната сезона, а стандардно Крањска Гора во Словенија ќе биде почетната база на подготовките. Во оваа фаза ќе недостасуваат Олимпијците Карачиќ и Циндриќ, а првата фаза во Словенија ќе биде заокружена со два пријателски натпревари против Горење (6 и 10 август).

Втората фаза на подготовките е предвидено да се одвива во Белорусија и тоа од 18 до 22 август. Домаќин на македонскиот шампион ќе биде белоускиот тим Брест Мешков, а можност за проверка на сработеното на подготовките момците на Раул Гонзалес ќе имаат на подготвителен турнир против домаќинот Мешков Брест, полска Висла Плок и Сесон Рен од Франција.