Вардар победи, сега РФМ е на потег – да го одложи дуелот со Металург!

Ракометарите на Вардар го совладаа Пик Сегед во првиот меч од четврт-финалето од Лигата на шампионите со 31:23 и стигнаа во ситуација да се на чекор од пласман на Ф4 турнирот во Келн. Имаат резултат кој им дава огромна предност, па сосема извесно е дека сега им треба малку одмор и нова сила за да се подготват добро за реваншот против тимот од Унгарија на 5 мај.

Сепак, следната седмица нема да биде воопшто лесна. Според календарот за натпреварување „црвено-црните“ в понеделник од 12 часот треба да ги одмерат силите со Металург во рамки на 5. коло од Супер машката лига. Дуел кој на Вардар може да му зададе нови грижи.

На ваквите средби често знаат да се случат несакани повреди кои може да предизвикаат нови проблеми така што сега во пресрет треба да излезат од РФМ и да овозможат ракометарите непречено да се подготвуваат за мечот после кој би требало да се обезбеди уште едно учество на Ф4 турнирот.

Сигурно во Металург нема да имаат против мечот да биде презакажан за нов термин кој ќе дојде после реваншот со Пик Сегед и веројатно завршницата на Купот на Македонија, па оттаму на тој начин ќе се излезе во пресрет на шампионот на Македонија.

Има уште време за да се смени терминот и мечот место понеделник да се игра подоцна во нов термин, но јасно е дека последната ќе биде на РФМ.

Па господа од РФМ, покажете се!