Вардар пак трет, инкасираше 150.000 долари од Супер Глоуб

Ракометарите на Вардар дојдоа до победа во мечот за 3. место на Супер Глоуб турнирот во Дамам и денеска го надиграа составот на Ал Веда со 30:26 со што исто како и пред две години завршија веднаш зад финалистите.

Во меч со две различни полувремиња „црвено-црните“ кога беше најпотребно покажаа одлична игра и без проблеми стигнаа до триумф.

Првиот дел од средбата мина во игра во која и двата тима покажаа многу повеќе. Тимот од Саудиска Арабија се спротиставуваше додека имаше сили, а во првото полувреме во добар дел беше и во предност.

Сепак, откако во последната секунда од првиот дел, Иван Чупиќ реализираше за нерешени 16:16, во второто полувреме не се препушти ништо на случајот, па вардарци беа во постојана предност. Одбраната беше на повисоко ниво отколку во првите 30 минути, па до крајот лесно беше задржана високата предност која по истекот на сите 60 минути изнесуваше четири гола со конечни 30:26.

Со оваа победа Вардар стигна до 3. позиција во Дамам и инкасираше вкупно 150.000 долари од ова натпреварување.

ВАРДАР – АЛ ВЕДА        30:26 (16:16)

Сала: Спортска сала во Дамам. Судии: Вацлав Хорачек и Јиржи Новотни од Чешка. Делегати: Салвио Седрез од Бразил, Францоис Гарсија од Франција и Герхард Рајзингер од Австрија.

ВАРДАР: Гедбан (12 одб., 1 сед.), Кизиќ, Кукуловски, Димитриоски, Кристопанс 6/10, Сикошек Пелко 1/2, Дисингер 0/1, Атман 5/5, Скубе 4/7, Чупиќ 7/8, Дибиров 2/5, Горбок 1/2, Шишкарев 2/3, Горпишин 2/2.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 8 мин.

АЛ ВЕДА: Мо. Ал Салаем (11 одб.), Алмутаири, Алсуби 1/1, Буиненко 1/3, Ал Зарани, Али Мохамед 2/2, Хамед, Јаја Барк Фалатах, Алав Алав 2/4, Саед Масуд 0/2, Алкхадрави, Ма. Ал Салем 9/10, Ал Хафи 0/1, Алмувалед, Зајнелабедин 7/14, Хасан 4/10.

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 8 мин.