Вардар „падна“ во Данска

Ракометарите на Вардар во својот петти натпревар го доживеаа првиот пораз во ЕХФ Велукс Лигата на шампионите. Подобар од ракометарите на Раул Гонзалес беше дански Киф Колдинг кој на домашен терен го совлада македонскиот шампион со 33-31 (17-15). Слабиот ден на вардаровите голмани кои заедно забележаа скромни 4 интервенции, како и незадржливиот Ласе Андерсон (постигна 10 гола) беа едни од клучните фактори за првиот пораз на вардар во ЛШ.

Горбок погоди за прво водство на Вардар од 0-1, а на спротивната страна вратија Ласе Андерсон и Ирминг Андерсен. Данците до 8.минута го одржуваа минималното водство 5-4, меѓутоа со двата погодока по ред Тоскиќ повторно ја врати предноста на црвено-црната страна 6-7 во 13.минута. Вардар играше добро во офанзивата, посебно расположени за игра беа Македа и Дибиров но тотално потфрли голманското вардарово дуо Ангелов-Милиќ кое остана без интервенција цело полувреме. И без нивна помош црвено-црните успеаа да ја зголемат предноста. Дибиров донесе +2, 9-11, а Македа со својот четврти погодок 12-14 на пет минути до крајот на првиот дел. Во последните пет минути следуваше пад во играта на македонскиот шампион. Данците одговорија со серија од 3-0, Ласе Андерсен беше незадржлив за вардаровата одбрана, а Ландин со својот прв погодок го врати својот тим во водство 15-14. Македа со својот петти гол ја прекина серијата на Киф Колдинг, а Андерсен со гол во последните секунди се погрижи Колдинг да замине на одмор со водство од 17-15.
Вардар во воведните пет минути на вториот дел ја стопи предноста на домаќинот, и преку Македа израмни на 18-18. Киф Колдинг напаѓаше по десната крилна позиција, а Ирминг Андерсен со два гола по ред повторно го врати својот тим во водство од 21-19 во 40.минута. Црвено-црните во продолжение играа конфузно во нападот подарувајки му доста топки на противникот кој ги казнуваше на типичен скандинавски начин. Киф Колдинг преку младиот Ландин стигна до највисокото водство на натпреварот 28-24 со што веќе се наѕираше првиот пораз на вардар. Карачиќ со неколку брзи погодоци се обидуваше да го врати Вардар во игра, а мала надеж даде голот на Марсениќ со кој Вардар намали на 31-29 на две минути до крајот. Сепак данците не дозволија комплетен пресврт успевајки да ја задржат позитивата на своја страна. Последниот погодок на натпреварот го постигна Дибиров, за конечни 33-31.

Најпрецизни во екипата на Вардар со седум постигнати погодоци беа Македа и Дибиров. Во составот на Киф Колдинг незадржлив за вардаровата одбрана беше Ласе Андерсон кој постигна десет голови.