Вардар од Суботица со нови бодови

Македонскиот првак ја нанижа петата победа во СЕХА лигата откако вечерва на гостувањето во Суботица го совлада српскиот вицешампион Спартак Војпут со 27-36.
Вардарци по возбудувањата во Лигата на шампионите ја одржуваат натпреварувачката форма преку регионалната лига, а веќе во сабота ќе се борат за врвот на елитното натпреварување против германскиот Рајн Некар Ловен.
Реномето на противникот беше далеку од врвен европски ракомет, затоа „црвено-црните“ без Штербик, Карачиќ и Дибиров по 10 минутна борба го скршија отпорот на српскиот тим. Највисоката предност од пет погодоци ја постави Филип Лазаров во 16-та минута, по што следуваше пад во играта на македонскиот шампион за нова шанса за домаќините. До 27-та минута Спартак Војпут го изедначи резутатот на 12-12, а Деревен и Марсениќ му овозможија на македонскиот тим пристојни три голови предност на полувремето, 12-15.
Вториот дел помина во изедначена игра, а последните седум минути Вардарци ги искористија за убедлива победа од 27-36 и нови три бодови на своето конто.
Најпрецизен во редовите на Вардар беше Марсениќ со седум голови, додека Лазаров беше прецизен шест пати, кај домаќините Џеќиќ постигна седум погодоци.