Вардар оди третпат во Келн, во десет минути го „уништи“ Пик Сегед

Ракометарите на Вардар третпат по ред си обезбедија место на фајнл-фор турнирот во Келн откако денеска во Сегедин загубија од Пик Сегед, но осумте гола од Скопје им беа доволни за севкупен триумф. Пик Сегед го доби мечот со 29:25, но Вардар оди во Келн заедно со Барселона, Веспрем и Келце.

Од стартот на средбата се виде дека ова ќе биде тешка средба и дека Пик Сегед ќе биде ривал против кој ќе мора да се игра 60 минути на високо ниво. Иако првите неколку минути ги доби Вардар и поведе со 4:3.

Тука дојде до првата серија на Пик Сегед која допринесе домашните да поведат со 7:4 и да ја преземат контролата на резултатот. Постепено го зголемуваа водството па брзо дојдоа и до 11:6. На ова следуваше гол од Вардар, а потоа нови пет гола од домашните кои брзо дојдоа до неутрализирање на негативата и до водство од 16:7.

Во овој дел од средбата голманите на Вардар не беа доволно сигурни и не и помагаа на одбраната, па тешко се надоместуваше она што во нападот се појавуваше како проблем. Оттаму на одмор се замина со осум гола разлика и резултат од 17:9 во корист на домашните.

Второто полувреме почна со два гола на Вардар и намалување на негативата на шест гола. Следуваше постојано менување на разликата. Имаше одново девет гола за Пик Сегед од 22:13 и потоа 23:14. Тука конечно вардарци се разбудија и почнаа да играат како што знаат. Главното дојде после 25:17 кога следуваа четири гола во серија. Пик Сегед во 46. минута остана без Македа и Банхиди, а Вардар во следната минута веќе имаше и четири негатива.

Деветте гола за Пик Сегед беа намалени, па разликата падна на четири и 25:21 што значеше дека Пик Сегед ќе мора да дојде до победа од девет гола ако сака Ф4. Тука следуваше и одбрана од Милосављев и сè почна да функционира како што Парондо, но и сите навивачи на Вардар само можеа да посакаат.

Серијата од 6:0 ја спушти разликата на само два гола, 25:23, а до крајот остануваше уште малку време. Од третиот Ф4 турнир во Келн ракометарите на Вардар ги делеа само 7-8 минути.

На шест минути до крајот домашните почнаа да ризикуваат и да играат без голман, но и тоа не им даде премногу бидејќи Вардар веќе имаше контрола и знаеше како да издржи во резултат кој носеше пласман во Келн. На крајот имаше и сцени какви што никој не сака. Попуштија нервите кај сите играчи на Пик Сегед кои во немоќ почнаа да ги напаѓаат играчите на Вардар, а најмногу одеа кон Мораеш кој имаше остар старт во обид да запре контра на противникот. Имаше краток прекин, но на крајот Вардар беше тимот кој се радуваше.

ПИК СЕГЕД – ВАРДАР   29:25 (17:9)

Сала: Варош спортшарнок во Сегед. Судии: Оскар Рали Лопе и Анхек Сабросо Рамирез од Шпанија. Делегати: Дагфин Вилангер од Норвешка и Георге Бебецос од Грција.

ПИК СЕГЕД: Алиловиќ, Шего, Македа 4/7, Калман 2/3, Бодо, Сигурмансон 3/5, Канељас, Хенигман, Балог 1/3, Габер 1/1, Шоштариќ 0/1, Родригез, Банхиди 7/7, Кашпарек, Бомбач 6/11, Житников 4/5.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 16 мин.

ВАРДАР: Милосављев 0/1, Гедбан, Стоилов 3/4, Недановски, Поповски, Кристопанс 5/7, Мораеш 0/1, Карачиќ 8/12, Скубе 3/5, Калараш 0/1, Чупиќ 2/4, Дибиров 4/4, Горбок, Шишкарев, Војводиќ, Кисељев.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 10 мин.