„Вардар ни упропасти се што правевме цела сезона за девет минути“

Хрватскиот голман Мирко Алиловиќ немаше сезона за паметење со неговиот ПИК Сегед, откако беа елиминирани од Вардар во Лигата на шампионите, а во домашниот шампионат ја загубија титулата од големиот ривал Веспрем.

„До крајот на март имавме сезона за паметење, една од најдобрите во историјата на клубот, во првенството бевме без загубен бод, се пласиравме во четвртфиналето во Лигата на шампиони и се беше супер до последните девет минути во Скопје. Од 22-21 ни направија 29-21 и на крајот необјасниво испаднавме. Тука паднавме психички и физички, иако и на реваншот имавме шанса. Потоа ни се случи и еден висок пораз од Веспрем од 11 – 12 голови разлика и за еден месец упропастивме една совршена сезона“, вели Алиловиќ за хрватските медиуми.

Тој го коментираше и настапот на Вардар во Келн.

„Никој не може да ме убеди дека Вардар така ја темприраше формата, бидејќи не се надоместува така лесно седум разлика за 15 минути против Барселона во полуфинале и потоа така да го издоминира Веспрем во финалето. И понатаму тврдам дека за Ф4 треба да имате тројца расположени играчи и дека тоа е рецептот за освојување на Лигата на шампиони. Најтешко е да се дојде на турнирот, за секого четвртфиналето е како финале, аутсајдерите се опуштени и тоа им помага“, заврши Алиловиќ.

Во следната сезона хрватскиот голман ќе остане во ПИК Сегед, но наместо Марин Шего кој се сели во Монпелје, друштво ќе му прави Роланд Миклер.