Вардар не е Киелце: „Црвено-црните“ се справија со Целје

Ракометарите на Вардар ја продолжија низата без пораз во Лигата на шампионите и во СЕХА Лигата, откако славеа на гостувањето кај Целје во Словенија со 28:31. Победата беше најавена уште во првиот дел, кога избраниците на Раул Гонзалес направија солидна предност од 3 голови, 13:16. Иако Целје го победи полскиот шампион Киелце во ЛШ, ремизираше со Брест Мешков во истата конкуренција, а се носеше и скоро цел меч со ПСЖ во Париз, сепак немаше решение за освојувачот на СЕХА и европски шампион Вардар.

Домашните отворија со водство, имаа 3:1, па 6:4, а по голот на левото крило Кодрин за 8:7 во 15 минута, вардарци направија серија од 3 голови по ред преку Дибиров и Кањелјас и ја преземаа контролата, 8:10. До крајот на полувремето крилата Дибиров, Недановски и Шишкарев умешно ја зголемија до 13:16. Двете руски крила стрелаа и на почетокот на вториот дел за 13:18, предност која најчесто ја имаше Вардар во вториот дел. Целје не се откажуваше, стигна на минус 2, 20:22 во 41 минута преку искусниот Аниќ, а истиот играч погоди и за 23:24, што беше причина за тајм-аут на Раул.

Штербик му одбрани пенал на Маргуч, а Дибиров два пати беше прецизен за 23:26. Во последните десетина минути Тамше проба со 7 на 6, но тоа не смени многу на теренот. Чупиќ промаши пенал за плус 3, но Дибиров ја поправи неговата грешка во следниот напад и Вардар имаше навидум безбедни 26:29 во 56 минута. Имаше Целје напад за минус 1 во поледната минута, но Сухолежник промаши, па Вардар ја заокружи победата со конечни 28:31. Најдобри во составот на Вардар беа Шишкарев и Дибиров со по 6 голови, а Циндриќ даде 4, додека кај домашните се истакнаа Вујовиќ, Кодрин, Млакар и Аниќ со по 5 голови. Сега следува репрезентативната пауза, пред да продолжат дуелите од Лига на шампионите и од СЕХА Лигата.