Вардар Неготино не дозволи изненадување против Младост 09

Вардар Неготино беше домаќин на Младост 09 во дуел на екипите од средината на табелата во плеј-офот од Првата лига. Домашниот состав не му дозволи на гостинскиот да си замине со бодови од овој дуел. Вардар Неготино оствари тесна победа против конкурентот 27:25.

Неготинци одлично го започнаа мечот. Во почетната фаза поведоа 4:0, а потоа беше 7:1 и се навестуваше катастрофа на Младост. Сепак во продолжение гостите се соземаа и вратија во натпреварот. Пред одморот стигнаа и до израмнување 12:12. Во последните минути Вардар Неготино обезбеди предност на полувреме 14:12.

Во вториот дел екипата од Богданци еднаш стигна до нерешено и тоа на почетоток кога беше 17:17. Оттогаш Вардар Неготино ја презема контролата на натпреварот и одржуваше постојано водство од два до три гола. Во финишот влегоа со предност 26:22 што беше доволна за конечна победа.

Најзаслужен за победата на Вардар Неготино беше Димитар Коцев кој постигна десет гола. Зад него тројца играчи постигнаа по четири гола, Кузманов, Вељанов и Паланков. Во екипата на Младост 14 гола постигна Мите Караиванов, но ниту тоа не беше доволно за позитивен резултат.