Вардар Неготино владее во Тиквешијата: Убедлив триумф над Тиквеш (ВИДЕО)

Ракометарите на Вардар Неготино славеа убедливо во соседската пресметка со Тиквеш во рамките на 5 коло од Првата Лига. Домаќините уште во првиот дел го најавија триумфот над големиот ривал од Кавадарци кога водеа со 19:14, а во вториот дел со мирна игра го дуплираа водството за конечни 34:24. Салата во гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ беше претесна да ги прими сите љубители на ракометот, кои проследија одлична игра на нивните миленици и висока победа над соседскиот ривал. Навивачката група „Винари“ која прослави 25 години од постоењето му даде дополнителен шмек на овој дуел.

На стартот гостите водеа со 0:2, па 1:3, но серија од 4-0 на избраниците на тренерот Сукара и се одлепија на 5:3. Тиквеш намали на 5:4, но уште еден нов бран голови на Вардар Неготино и веќе на половина од првиот дел беше 8:4 и беше најавена победата. Водеше домашниот тим и со 7 голови разлика, но на пауза се замина со 19:14.

Гостите кои не можеа да сметаат на капитенот Грозданов и повредениот Велков, не можеа да им парираат на расположените домашните ракометари, кои по секоја цена беа решени да го добијат овој натпревар. Стигнаа во финишот и до плус 12, 32:20, а Тиквеш успеа да намали малку од негативата за конечни 34:24.

Во домашниот состав се истакна Димитар Коцев со 11 голови, искусниот Трајковски даде 7, додека Паланков 6 пати се запиша во листата на стрелците. Кај гостите од Кавадарци, тројката Костадин Петров, Ристе Окардов и Васил Витанов дадоа по 5 голови, што сепак беше недоволно за нешто повеќе од пораз во соседското дерби.