Вардар “навива” Либек да испадне од Бундеслигата

Црногорскиот репрезентативец Вуко Борозан е на пат да пристигне во Вардар. Двете страни уште во декември ги договориле условите за актуелниот ракометар на Бундеслигашот Либек во 2017 година да го облече вардаровиот дрес. Меѓутоа една клаузула во договорот вели дека доколку Либек оваа сезона испадне од бундеслигашкото друштво, Црногорецот уште ова лето ќе стане нов ракометар на Вардар.
Во Германија последните три екипи на табелата следната сезона играат во понизок ранг на натпреварување, а клубот на Борозан во овој момент се наоѓа на претпоследното место. Сепак до крајот остануваат да се доиграат уште 10 кола по што ќе биде појасна и трансфер приказната помеѓу Вардар и Борозан.
Црногорецот во својата кариера има настапувано за екипите на Ловќен и Карловац, пред да пристигне во Металург каде најдобро го запознаа македонските љубители на ракометот. Во моментов е ракометар на Либек од Германија.