Вардар му наби комплекс на Загреб за само 35 дена

Кога со некој тим ќе одиграте повеќе од две средби во една сезона веќе станува досадно и монотоно, а кога за 35 дена ќе имате четири пресметки и на сите победникот е ист тогаш и нема што да се дискутира. Вардар сезонава му зададе таков удар на шампионот на Хрватска што веројатно и беше причина да се одигра така грубо на крајот во финалето на Ф4 турнирот во Брест.

Од 27 февруари кога ППД Загреб падна во Скопје до 3 април кога ППД Загреб падна во финалето на СЕХА во Брест минаа точно 35 дена. Тоа се денови во кои шампионот на Хрватска се најде на големи маки бидејќи имаше уште две средби во Лигата на шампионите. На сите победник беше тимот на Вардар.

Првиот меч од серијата беше на 27 февруари во Скопје. Тоа беше натпревар од групната фаза во СЕХА-лигата.  Вардар победи со 28:26 во кој Загреб водеше 20 минути, а потоа Вардар покажа зошто е шампион на СЕХА во последните години и е единствен од денеска со пет титули.

Следуваше 23 март. Полни трибини во Арена во Загреб и шок за домаќинот. Вардар го игра убедливо најдоброто прво полувреме во оваа сезона. Едноставно гази на теренот и уште во првиот дуел го решава противникот. На крајот победата е 27:18. Тоа е првата средба од осминафиналето во Лигата на шампионите и натпревар кој го одлучува патникот во четврт-финалето бидејќи реваншот е формалност.

Надежите дека на 30 март Загреб ќе успее да победи и да го поправи впечатокот во Скопје успеа да покаже поголема борбеност. На сите им беше јасно дека Загреб нема да може да го елиминира Вардар, но јасно беше и дека „црвено-црните“ нема да форсираат. После 30 минути Вардар имаше 19:13 и вкупни 15 гола разлика така што тука сè беше јасно околу патникот во четврт-финалето. На Загреб му беа оставени само 30 минути за колку-толку да намали, но победата беше за Вардар со 32:30.

Финишот секако беше со трофеј. Ќе биде запишано дека на Вардар славеше со 26:23 и дека дојде до третата титула во серија во СЕХА и дека го надигра Загреб втора година по ред во финалето на завршниот турнир.

Среќа за Загреб што немаше уште некое натпреварување во кое игра заедно со Вардар…