Вардар го совлада Монпелје: Во Манхајм ќе се одлучува за второто место!

Во претпоследното коло од групата Ц во Велукс ЕХФ Лигата на шампиони во машка конкуренција, Вардар го совлада француски Монпелје со резултат 30-26 (18-13). Во пресрет на гостувањето во Германија, Вардар се зацврсти на втората позиција во група Ц.


САЛА:ЈАНЕ САНДАНСКИ (СКОПЈЕ)
ГЛЕДАЧИ: 6000
ВАРДАР 30-26 МОНПЕЛЈЕ (18-13)

Прецизниот пенал удар на Гаиќ го отвори резултатот, за водство на Монпелје во почетните пет минути од натпреварот. Дибиров го донесе Вардар во првото водство 3-2, а во следниот напад Тоскиќ беше прецизен за првите два гола предност на натпреварот 4-2. Гостинскиот голман Сиферт беше најзаслужен за ново изедначување на натпреварот на 4-4 во 9 минута. Иако Вардар беше во водство во текот почетните 15 минути, Монпелје не дозволи поголемо водство за „црвено-црните“ од два разлика. Штербик влезе во ритам, а брзоплетите напади на гостите само му ја олеснија задачата на вардаровиот голман, тоа беше главната причина за серијата на Вардар од 3-0 и водство од четири голови, 11-7 во 19-та минута. Во 25 минута Шишкарев ги постави првите пет голови предност 16-11, разлика која остана до крај на првото полувреме за конечни 18-13.

FLP_3312-2 (3)
Фото: Филип Вирановски

Чипурин во почетните минути од вториот дел беше прецизен за највисокото водство на натпреварот од шест погодоци предност. Но, Вардарци наместо мирно да го сочуваат водството, влегоа во ритамот на противникот. Монпелје со серија од 3-0 во 34-та минута го намали резултатот на три голови разлика 19-16. Во 36-та минута Вардар повторно ја врати предноста на „црвено-црните“ од полувреме со голот на Горбок за 21-16. На прецизноста на Гајиќ и Симонет возвратија Чипурин и Карачиќ за пет голови предност во 40-та минута. Монпелје не се предаде, напротив одбранетите удари на хрватскиот интернационалец Лосерт и период со технички грешки во нападот на Вардар овозможи гостинските ракометари да се приближат на само два гола разлика во 46-та минута, за 25-23. Вардарци ги консолидираа своите редови и минутите на брилијантност на Арпад Штербик ги претворија во ново водство од пет погодоци 29-24 во 51-та минута. До крај на натпреварот рутинирано Вардар забележа нова победа од 30-26.

Најпрецизни во редовите на “црвено-црните” беа беспрекорниот Тимур Дибиров со 12 погодоци и Игор Карачиќ со четири постигнати погодоци. Кај гостите од Франција, Драган Гајиќ постигна 6 голови.

Во последното коло од групната фаза “црвено-црните” гостуваат во Германија, каде против екипата на Рајн Некар Ловен ќе се обидат да се изборат за второто место во групата Ц. За да стигне до посакуваната втора позиција, покрај победата на Вардар му одговара и нерешен резултат.