Вардар и Металург на втор сезонски двобој: Познат терминот за македонското дерби во СЕХА

Откако Вардар и Металург ќе ги одиграат десетте натпревари во Лигата на шампионите ќе се посветат на дуелите од СЕХА лигата. До крајот на оваа година и двете екипи треба да одработат уште по пет средби во регионалната конкуренција.

Веќе е потврден терминот за второто сезонско дерби, иако првиот меѓусебен дуел не наликуваше баш на дерби. Средбата меѓу големите скопски и македонски ривали ќе се одигра на 5 декември во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:15 часот.

Судии ќе бидат Благојче Тодоровски и Димитар Митревски, додека делегат ќе биде Ацо Николовски. На првата средба одиграна на теренот на Вардар, „црвено-црните“ прославија убедлива победа so 34-28, но сега има играчки промени во двете екипи, па очекуваме поинаков дуел.