Вардар и Металург во борба за едно од 28 места на Лигата на шампионите 2015/2016

Од 37 екипи кои конкурираат за место во новата сезона на Лигата на шампионите, Македонија ќе има два претставника. Ако за Вардар повеќе од сигурно се знае дека ќе игра во една од првите две групи (А или Б) каде ќе настапуваат екипите носители, сè уште неизвесен е настапот на третопласираната екипа од македонскиот шампионат Металург. Македонската ракометна федерација заедно со управата на тимот од Автокоманда го искористија правото да аплицираат за дополнително место во Лигата на шампионите.
Правилата се строги, а од 37-те клубови на конечната листа нема да видиме девет екипи. Новиот формат ќе брои 28 екипи, 16 носители, и 12 екипи кои преку квалификациските групи Ц и Д подоцна во натпреварувањето ќе им се приклучат на најдобрите.

Минатогодишниот македонски шампион со своето реноме во ракометна Европа, верната публика и успесите кои ги бележеше заслужи место меѓу овие 28 екипи, но строгите критериуми на ЕХФ и историјата не им одат во прилог на „сино-белите“.

Досега во историјата на Лигата на шампионите единствено во сезоната 2013/2014, настап во Лигата на шампионите бележи првопласиран и третопласиран клуб од националното првенство. Причината за тој преседан е банкротот на второпласираната екипата, Атлетико Мадрид, па поради тоа на Барселона таа сезона друштво во елитното натпреварување и правеше Логроњо. Кога сме кај освоените места во националниот шампионат, Хамбург е единствениот тим кој од петтата позиција во националниот шампионат учествувал во групната фаза на Лигата на шампионите. Причината е освојување на најскапоцениот ракометен трофеј во претходната сезона, а поради петтото место ЕХФ мораше да обезбеди учество и за останатите четири екипи кои се пласираа пред Хамбург во германскиот шампионат.
Консултантската група на чело со претседателот на комисијата за клупски натпреварувања, Леополд Калин, претседателот на форумот на ракометни клубови, Јоан Марин, заедно со претставници на ЕХФ и ЕХФ маркетинг ќе доделуваат поени за сите клубови врз база на нов систем на критериуми.
Листата на критериуми се фокусира на осум различни подрачја, кои ќе го оценуваат квалитетот на спортската сала, ТВ промоцијата, пласманот во домашниот национален шампионат, бројот на посетители, успесите во изминатите изданија на натпреварувањата под капа на ЕХФ, потенцијал за привлекување спонзори, примена на обврските и регулативите и медиумскиот интерес.
Конечната листа на екипи учеснички во Лигата на шампионите 2015/2016 ќе биде составена на состанокот на ЕХФ во Краков на 19 и 20 јуни.
Екипи кои се регистрирнани врз основа на системот за распределба на места(25):
ALPLA HC Hard (AВТ)
RK Borac m:tel (БИХ)
HC Meshkov Brest (БЛР)
HC PPD Zagreb (ХРВ)
KIF Kolding Kobenhavn (ДАН)
FC Barcelona Lassa (ШПА)
Naturhouse La Rioja (ШПА)
Paris Saint Germain HB (ФРА)
THW Kiel (ГЕР)
Rhein-Neckar Löwen (ГЕР)
MKB-MVM Veszprem (УНГ)
РК Вардар (МКД)
OCI/Lions (ХОЛ)
Elverum Handball Herrer (НОР)
KS Vive Tauron Kielce (ПОЛ)
Futebol Clube do Porto (ПОР)
HCM Baia Mare (РОМ)
Chekhovskie medvedi (РУС)
RK Celje Pivovarna Lasko (СЛО)
Vojvodina (СРБ)
Kadetten Schaffhausen (ШВА)
Tatran Presov (СВК)
IFK Kristianstad (ШВЕ)
Besiktas Jimnastik Kulubu (ТУР)
HC Motor (УКР)

Екипи кои конкурираат за дополнително место (12):
RK Nexe (ХРВ)
Skjern Handbold (ДАН)
Montpellier HB (ФРА)
HBC Nantes (ФРА)
Saint-Raphael Var HB (ФРА)
SG Flensburg-Handewitt (ГЕР)
SC Magdeburg (ГЕР)
MOL-Pick Szeged (УНГ)
РК Металург (МКД)
Orlen Wisla Plock (ПОЛ)
RK Gorenje Velenje (СЛО)
Alingsas HK (ШВЕ)