Вардар и Веспрем во дуелот за првото место на табелата во СЕХА! Штербик: Овој натпревар не е пресуден!

Денеска во 13:00 беше одржана заедничка прес-конференција на екипите на Вардар и Веспрем, пред вонредниот натпревар од 7-то коло од СЕХА лигата кој ќе се одигра во сабота во 16:00.

Тренерот на домаќините Карлос Ортега по тој повод изјави:

Двете екипи сеуште се воигруваат бидејќи во летниот период пристигнаа нови ракометари, но дуелот меѓу Вардар и Веспрем сеуште ќе важи за одличен дерби натпревар. Играме на домашен терен, затоа сакаме да покажеме колку сме всушност моќни, тие примија помалку голови од нас досега што оди во прилог на нивната одбрана. Во иста група сме и во Лигата на шампионите и ќе одиграме полно меѓусебни натпревари оваа сезона, но сметам дека тоа нема да има големо влијание на двете екипи. Всушност таква е нашата ситуација со Сегед.

Сметам дека моментално СЕХА лигата е поквалитетна од унгарското првенство и покрај пократкото време кое го имаме за тренинг поради долгите патувања.

Шпанскиот стратег од редовите на Вардар, Раул Гонзалес по успешниот настап во досегашниот тек од натпреварувањето потенцираше:

Утрешниот натпревар е многу значаен за моралот на тимот. Сакаме да одиграме добар ракомет. Ќе играме против одлична екипа, една од најдобрите во Европа. Незнам што точно да очекувам, бидејќи ова ќе биде првиот тежок меч за Вардар. Сакаме да играме на завршницата во СЕХА лигата, но сега се подготвуваме за Лигата на шампиони. Знаеме дека ќе биде тежок меч, бидејќи Веспрем има квалитетни ракометни имиња, кои се водени од квалитетен тренер кој ја врши одлично својата  работа. Пласманот на Веспрем во минатогодишното издание на Фајнл Фор турнирот во Лигата на шампиони, оваа година имаат можност да го подобрат. Знаеме дека имаат нови играчи кои мора да се вклопат во екипата, за да го достигнат врвното ниво, сепак без разлика на тоа верувам дека ќе се одигра одличен ракомет.

 

Новото засилување на Вардар, Арпад Штербик ја потенцираше целта на својот нов клуб и шансата за влез на завршниот СЕХА турнир, како најголем предизвик покрај Веспрем ги гледа Прешов и Брест, а  нивото на кое игра Загреб сеуште неможе да ги дефинира како еден од ривалите за четирите места.

Целта е СЕХА Фајнл Фор, но не смееме да се залетуваме, туку да одиме чекор по чекор. Сеуште сме далеку да бидеме  најдобри. Лигата на шампиони наскоро ќе започне и мораме да се подготвиме за неа. Сметам дека утрешниот натпревар нема да донесе место на завршницата на ниту една од екипите, затоа мора да победиме на што повеќе натпревари.

Андреас Нилсен летово ја напушти Бундеслигата и од Хамбург пристигна во Веспрем. Хамбург минатата сезона загуби во двомечот со Вардар и затоа шведскиот пивот е сигурен дека натпреварот ќе биде прв вистински предизвик за неговата нова екипа:

Сеуште има работи кои треба да ги совладам и научам, но сите околу мене ме сослушуваат и ми помагаат. Досега имавме три победи во СЕХА но утре ќе играме против навистина добар тим. Ова ќе биде прв натпревар пред домашна публика за нас. Претстои тежок меч но секако дека сакаме да ги земеме трите бода.