Вардар им е судбина: Не беа во Келн, ама го бодреа Вардар и на сопствената свадба (ВИДЕО)

Пред нешто повеќе од една година го свртеа вниманието кон себе на полувремето од средбата меѓу Вардар и Кил. Владимир тогаш одлучи да ја побара Ирена за своја сопруга, па покрај ракометарите на Вардар и тие добија аплаузи од трибините.

Неколку дена потоа ракометарите им дадоа подароци. На Владимир дрес со број 29, на Ирена број 4 за да се памети датумот 29 април.

Приказната на Ирена, Владимир и Вардар продолжи и лани во Келн. Беа на трибините и го следеа својот омилен тим во дресовите со натпис „Еден живот, една љубов“, слоганот кој е дел од овој Вардар.

Ирена и Владимир од вчера имаат уште еден датум кој ќе го паметат вечно. Првиот ден од јуни ќе им остане запишан како денот кога ја направија нивната свадба, но и денот кога Вардар ја совлада Барселона после епскиот пресврт во Келн од минус седум на полувреме.

Тие го одбраа 1 јуни да биде нивниот ден за паметење, но и Вардар одлучи 1 јуни да биде денот кога ќе ги израдуваат сите свои фанови, па приредија двојна радост.

А колку големи фанови на Вардар се Ирена и Владимир можете да видите и подолу во видеото. Во моментите кога почна приемот на гостите, а Вардар почна да најавува победа одлучија да побараат тајм-аут. Земаа пет минути одмор за да го проследат финишот од средбата и да се израдуваат на големата победа. Ги следеа заедно и се радуваа. Сето после победата на Вардар беше само бајка. Можете да замислите колку било весело и лудо на свадбата. Инаку, видеото за вечно паметење на моментот е овозможено од страна на Фото студиот „Digital box“.

Редакцијата на 24 Ракомет ви посакува среќен брак и многу успех во иднина. И секој следен важен датум не само за Вардар, туку и за македонскиот спорт нека ве поврзува со нешто убаво!