Вардар има шест, оди по седма победа против Кристијанштад

Четврта сезона по ред екипата на Вардар се соочува со тимот на Кристијанштад во Лигата на шампионите, а ова значи дека и денеска се очекува „црвено-црните“ да немаат поголеми проблеми со противникот од Шведска и да ја продолжат успешната серија.

Ова е седмиот меч на кој Вардар и Кристијанштад ги одмеруваат силите, па погледите се насочени кон „црвено-црните“ од кои се очекува да успеат да го потврдат добриот старт на сезоната особено одличниот почеток во Лигата на шампионите после победата над Монпелје.

Вардар со Парондо има нешто поинаква игра во одбраната и во нападот, но и понатаму го има шпанскиот стил кој продолжува да носи резултат. Тоа би требало да биде предност и денеска кога Кристијанштад сигурно нема да биде поголема пречка во остварувањето на целта да се дојде до нови бодови. Сигурно и денеска составот ќе биде ист како и пред една седмица, но сега пред домашна публика ќе има што да се види на теренот.

Мотивацијата кај ракометарите е висока без разлика што Кристијанштад не е од противниците кои конкурираат за највисок пласман. Сепак, овој тим двапати губеше со мала разлика во Скопје и затоа ќе се игра внимателно. Тоа го најави и Парондо, па веројатно нема да има тактизирање туку ќе се оди на сигурно од првиот напад и на победа на оваа пресметка со шампионот на Шведска.

Победата од пред една недела го обврзува Вардар и пред своја публика да покаже максимум, па тоа е најава за интересен натпревар денеска од 17:30 часот во салата во СЦ „Јане Сандански“.