Вардар за класа подобар од Татран Прешов (ФОТО)

Македонскиот првак во спортскиот центар „Јане Сандански“ ја забележа својата петта СЕХА победа откако во заостанатиот натпревар од третото коло го совлада составот на Татран Прешов. Вардар кој на овој дуел настапи без Дибиров и Марсениќ оствари рутинска победа од 38-21.

vartatran-4

Неизвесни беа само почетните шест минути, по кои Вардар полека започна да ја гради својата предност. Фереира и Душебаев беа расположени на стартот на натпреварот и овозможија Вардар да ги создаде првите два погодока разлика, кои до 15-та минута се дуплираа.

vartatran-2

Грешките на средната на првиот дел го чинеа Татран негатива од седум погодоци во 20-та минута (15-8 20′ Душебаев). Вардарци ја одржуваа високата предност до самиот крај на првиот дел кој го заклучи Недановски со гол од пенал линијата за конечни 20-13.

vartatran

Во вториот дел во игра за прв пат влегоа Стоилов, Македа, Чупиќ и Борозан, а доминацијата на Вардар продолжи. „Црвено-црните“ бргу дојдоа до двоцифрена предност (25-15 35′ Македа), водство кое достигна и највисоки +15 во 50-та минута. Ракометарите на Татран се обидоа да ја намалат разликата и да заминат со чесен пораз, но немаа ниту сила ниту квалитет вистински да се заканат кон голот на Страхиња Милиќ, кој натпреварот го заврши со 15 одбрани. Затоа финишто на натпреварот Вардарци го искористија да ја потврдат својата доминација,, во последните пет минути „црвено-црните“ преку Поповски, Стоилов и Македа ја вратија високата разлика и ја зголемија на осумнаесет погодоци во последната минута (38-20). Ракометарот на Татран, Доминик Крок на неколку секунди до крајот ги постави конечните 38-21 со својот прв гол.

ВАРДАР 38-21 ТАТРАН ПРЕШОВ (20-13)

СТРЕЛЦИ

ВАРДАР: Недановски 1,Фереира Мораеш 2, Македа 2, Деревен 5, Карачиќ 1, Душебаев 7, Абутовиќ 1, Канељас 2, Циндриќ 3, Чупиќ 4, Шишкарев 4, Борозан 3, Поповски 2, Стоилов 1

ТАТРАН ПРЕШОВ: Рабек 6, Сарпатаки 1, Хрстка 4, Садови 1, Урбан 3, Чип 2, Пешков 2, Јанковиќ 1, Крок 1