Вардар е на Фајнл Фор според новинарите на ЕХФ: За шампионот нема место во Келн!

Секоја година веќе традиционално, новинарите, соработниците и дописниците на ЕХФ гласаат за рангирање на најдобрите екипи во годинешното натпреварување на Лигата на шампионите. Според нивните анализи и проценки ЕХФ го формира моделот и предвидувањето за тоа кој би се пласирал на завршниот турнир во Келн. По една година пауза, Вардар повторно се врати при врвот, а според новинарската мрежа на ЕХФ, македонскиот првак ќе биде четвртата екипа која ќе обезбеди место на завршниот турнир во елитното натпреварување.

Како и минатата сезона Веспрем повторно се најде на врвот, но во првата петорка немаше место за актуелниот шампион Киелце и ракометните гиганти Барселона и Кил.

Според предвидувањата на ЕХФ медиа тимот, и шансата која секој од тимовите ја има да стигне до Фајнл Фор турнирот во Келн, клубовите се рангирани на следниот начин:

10. Кил (Германија)

9. Пик Сегед (Унгарија)

8. ППД Загреб (Хрватска)

7. Виве Таурон Киелце (Полска)

6. ФК Барселона (Шпанија)

5. СГ Фленсбург (Германија)

4. РК Вардар (Македонија)

3. Рајн-Некар Ловен (Германија)

2. ПСЖ (Франција)

1. Веспрем Телеком (Унгарија)

Во објаснувањето на новинарскиот тим на ЕХФ за високиот пласман на Вардар стои:

„Победите над екипите учеснички во ЕХФ Лигата на шампионите, Мешков Брест и Висла Плоцк во пред-сезоната значеше дека Вардар веќе има квалитетен тим, што му овозможи на новото засилување Жоан Канељас да го прикаже најдоброто од неговите вештини. Исто така, напорната работа изгледа започна да дава резултати за момците на Раул Гонзалес, откако забележаа три победи и реми во СЕХА лигата, вклучувајќи ја победата во скопското дерби против Металург и убедливата победа над Веспрем (29:22).“