Вардар го „скрши“ Загреб за 30 минути пред полната Арена

Ракометарите на Вардар после првите 30 минути имаат предност на гостувањето во Загреб и игра која води кон победа на овој натпревар која може да даде шанса за помирен реванш следната сабота во Скопје. Вардар има 14:6 на паузата во Загреб што е доказ дека во минатите денови се работело одлично и дека ракометарите се подготвени максимално за овој дуел.

Од стартот се виде дека „црвено-црните“ ја имат прочитано играта на Загреб и дека знаат од каде треба да се заштитат, но и каде да нападнат за да дојдат до погодоци. Првите три гола беа дело на Кристопанс, кој имаше 3 од 3, а домашните првиот гол го постигнаа дури во 7. минута преку Мандиќ. До тој момент Милосављев имаше две интервенции, а домашните само три шута кон неговиот гол.

Како што одминуваше времето се гледаше дека Загреб нема решение за одбраната на Вардар, но и за Милосављев. Одлично се покриваше на линијата од шест метри и имаше добра подвижност која даваше можност за Вардар да биде тимот кој ќе прави контри и кој ќе може да трча многу побрзо во нападот и да има далеку подобра транзиција од Загреб.

Каква беше одбраната, доказ се 62% на одбрани на Милосављев во 20. минута од средбата кога противникот имаше само три постигнати голови. Отпорот на Загреб беше целосно скршен, а до крајот на првиот дел веќе беше и решен победникот на овој натпревар бидејќи Вардар постојано ја зголемуваше предноста и во ниту еден момент немаше можност за доближување на Загреб.

Дејан Милосављев со шест одбрани и 50 проценти успешност, Кристопанс и Мораеш со по четири гола, Дисингер и Карачиќ по два и Скубе и Чупиќ по еден гол го креираа резулттот во првиот дел од средбата после кој Вардар има високи 14:6. Во Загреб со два гола е најефикасен Мраковивчиќ.