Вардар го пречекува ПИК Сегед на 25 април

Првиот натпревар од четврт-финалето во Лигата на шампионите меѓу Вардар и ПИК Сегед ќе се одигра на 25 април (четврток) од 20 часот во Скопје во СЦ „Јане Сандански“.

Двата клуба заедно со ЕХФ маркетинг и ТВ куќите што прават пренос успеаја да се усогласат, па веќе се познати термините за четврт-финалето. Поради велигденските празници овој меч се игра пред викендот, но е на почеток на празникот бидејќи се работи за Велики четврток, па тоа ќе биде одличен ден за славје во Скопје.

Меѓу двете средби ќе има пауза од десет дена. Реваншот со ПИК Сегед ќе се одигра на 5 мај (недела) во 19 часот. Тогаш ќе стане јасно дали ракометарите на Вардар ќе направат хет-трик и ќе можат третпат во серија да играат на Ф4-турнирот во Келн.