Вардар го преслуша Нексе и се врати на победите во СЕХА

Ракометарите на Вардар дојдоа до победа од 31:26  против Нексе и после поразите од ППД Загреб и Мешков Брест повторно освоија бодови со што продолжуваат со трката за висок пласман во групната фаза.

Во текот на сите 60 минути Вардар одработи доволно за да дојде до триумф, а сите ракометари кои беа на теренот дадоа еднаков придонес за новата победа во СЕХА. Ова беше шеста победа на „црвено-црните“ сезонава.

Вардарци тргнаа силно од првата минута. Иако Парондо тргна со комбинирана постава од стартот на средбата сосема извесно беше дека Вардар има капацитет и сила за да стигне до победа на дуелот против Нексе.

Нексе поведе со 1:0, а имаше предност и со 2:1, а тоа беа двата моменти во кои гостите успеаја да бидат во предност против вардарци. После ова „црвено-црните“ успеаја да ја преземат контролата и со мирна игра да влезат во продолжение од натпреварот. Иако Вардар беше во постојано водство Нексе израмнуваше до 6:6 кога дојде до првата серија од 3:0 после која веќе дојде до предност која даваше можност за комбинирање во нападот и во одбраната.

Ракометарите на Нексе успеаја да се одржат на гол до два негатива до 25. минута кога вардарци засилија и пред заминувањето на одмор дојдоа до до предност од четири гола со која заминаа и на одмор со резултат 16:12.

Вториот дел беше многу поинтересен. Вардар не форсираше до максимум играјќи толку-колку што е потребно за да дојде до триумф. Сосема јасно беше дека на овој дуел ќе ги освои бодовите, но во мислите секако беше и дуелот против Барселона за кој ќе треба да се подготват далеку повеќе и подобро. Затоа ова беше меч за одржување на ритамот и така и беше на теренот во текот на сите 60 минути.

Вардарци му дозволија на Нексе да се доближува на два гола во повеќе наврати, но во ниту еден момент не му дадоа шанса за надеж на овој натпревар бидејќи се одигра доволно квалитетно за да може да се освојат бодовите.

Она што беше позитивно е дека сите што беа на терен се запишаа во листата на стрелците, а бројот на головите се движеше од еден до четири.

Сепак, најважно одсредбата беше тоа што Вардар обезбеди бодови и после два порази одново се вративо победнички ритам во СЕХА-лигата.

ВАРДАР – НЕКСЕ             31:26 (16:12)

ВАРДАР: Гедбан (5 одб.), Милосављев (3 одб.), Стоилов 2/4, Недановски 2/2, Поповски 2/5, Кристопанс 3/3, Дисингер 3/8, Карачиќ 1/4, Скубе 2/4, Калараш 2/3, Чупиќ 2/2, Дибиров 4/5, Шишкарев 4/7, Војводиќ 2/2, Кисељев 2/4, Мишевски.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 2 мин.

НЕКСЕ: Радовановиќ (14 одб.), Цар (2 одб.), Шипиќ 5/7, Гаџа 3/4, Етер 1/2, Зрниќ 3/3, Мрџеновиќ, Баришиќ Јаман 3/5, Бувиниќ 4/5, Јелиниќ 0/1, Вида 2/3, Лавриќ, Томиќ 1/3, Јагањац 3/5, Челеби 0/1, Возаб 1/3.

Седмерци: -, Исклучувања: 4 мин.