Вардар ги продолжи договорите со пет ракометарки: Лејно останува во Скопје

Женскиот ракометен клуб Вардар на својата официјална страна информираше дека клубот ги продолжи договорите со Барбара Лазовиќ, Ања Алтхаус, Јованка Радичевиќ,  Андреа Пенезиќ и Амандин Лејно.

Пред неколку месеци се појавија гласини дека голманката на Франција, Амандин Лејно, е пред трансфер во Ѓер, сепак раководството на Вардар успеа да ја задржи главната алка во екипата. Црногорката Јованка Радичевиќ во ЖРК Вардар останува до 2018-та година.

„Имаме задоволство и чест да објавиме дека ги продолживме договорите со нашите ракометарки Ања Алтхаус, Амандин Лејно, Барбара Лазовиќ и Андреа Пенезиќ за уште една сезона, до јуни 2017 година. Нашето десно крило Јованка Радичевиќ ќе остане во клубот уште две сезони, до јуни 2018 година.
Нашата заложба е секогаш да ги имаме најдобрите ракометарки кои сакаат да бидат дел од Вардар. Сакаме во својот тим да има професионалци кои исто така знаат да му возвратат на клубот со максимална посветеност. Веруваме дека заедничката соработка со играчите што решија да останат ќе ни донесе нова радост во остварување на зацртаните цели. За сите нови информации околу продолжувања на договорите, заминувања или нови засилувања јавноста ќе биде навреме информирана, изјави Давор Стојаноски, Извршниот директор на Вардар.

Минатата недела од Ѓер изјавија дека имаат две одлични голманки и се задоволни со нив со што се стави крај на сите шпекулации.