Вардар во последната секунда обезбеди нерешен резултат за одмор против Ал Веда

Во мечот за 3. место после 30 минути игра Вардар и Ал Веда имаат нерешени 16:16 со што битката за победата ќе продолжи и во вториот дел и ќе продолжи со тоа и неизвесноста. Вардарци покажаа дека можат да се вратат после лош почеток и успеаја од негатива од три гола да дојдат до водство, но на одмор, сепак, нема предност за никој.

Првите неколку минути беа тешки за вардарци. Многу лесно оставаа простор за шутеви на противникот, но и за многу проигрувања до пикерите и крилата. Впечатокот беше дека одбраната и денеска не беше доволно цврста, а тоа ракометарите на Ал Веда го искористија за брзо водство од 4:1 после пет минути игра.

Вардар остана во негатива и во продолжение од средбата. Во еден момент останаа со двајца ракометари помалку, па и неколку секунди и со тројца, но се наоѓаше патот до голот на противникот и се реализираше. Сепак, како одминуваше времето почна и да се фаќа ритамот кој го немаше од стартот и полека, но сигурно вардарци доаѓаа до враќање во мечот.

Првото израмнување дојде дури после 17 минути игра кога Вардар стигна до 10:10. Тука конечно беше фатен прикчучок, но противникот остана во предност од гол. Вардарци израмнуваа, а до првото водство на средбата дојдоа дури во 25. минута кога Горбок реализираше една полуконтра за 14:13.

До крајот на првото полувреме немаше одвојување на поголема предност. Се играше главно гол за гол, па на одмор се замина со нерешени 16:16, кои беа обезбедени после ударот на Чупиќ во последната секунда. Тој е и најефикасниот играч на Вардар после првите 30 минути со пет гола, а по три имаат Атман и Кристопанс.