Вардар во одбрана на круната: Дибиров најави атак на победа на секој натпревар

Вечерва од 19 часот во Полска за ракометарите на стартува одбраната на титулата освоена минатата сезона во Лигата на шампионите. Со оглед на тоа што во оваа сезона влегуваат како прваци сите погледи ќе бидат насочени кон „вардарци“ од кои ќе се очекува на секој дуел да играат максимално ангажирано и да бидат далеку подобри отколку во минатата сезона.

Висла Плоцк со далеку поинаков тим од лани и со ракометарот кој играше во минатата сезона во Металург, Немања Обрадовиќ влегува во трка за бодови и ќе се обиде да биде првиот тим кој успеал да го совлада актуелниот првак во Лигата на шампионите.

„Не можам да бидам целосно задоволен бидејќи не знам каков квалитет имаме сезонава. Во однос на натпреварите во Доха играме подобро, но денеска ќе се види како одат работите. На натпреварите во СЕХА-лигата ние ја темприравме формата, но не знам до каде сме. Денеска ќе треба да се види. Нашата задача е да го покажеме најдоброто“, вели пред овој натпревар, Тимур Дибиров, кој важи за играч од кој може да се очекуваат многу атрактивни потези.

Со оглед на тоа што сега тргнуваат во сезоната како шампиони, Дибиров смета дека мора да се оди на секој меч на триумф.

„Мораме да очекуваме победа на секој натпревар. Сега сме Европски шампиони и секој резултат освен победа ќе биде неуспех и затоа сакаме само да победуваме“, коментираше ракометарот за кого ова ќе биде прв меч во Лигата на шампионите како Македонец.