Вардар без пола тим во Прешов, шанса ќе добијат дел од младите сили

Пред паузата во ЕХФ неделата кога најголем дел од ракометарите ќе заминат на подготовки со своите репрезентации, Вардар ќе одигра уште еден натпревар во СЕХА Лигата, на гостувањето кај Татран Прешов во Словачка, претпоследно пласираниот тим во регионалното натпреварување.

Во Скопје на првиот дуел славеше Вардар со убедливи 38:21. И овојпат Вардар е фаворит, иако во Словачка ќе патува делумно подмладен тим со петмина играчи од Вардар јуниор. Тренерот Раул Гонзалез ќе им даде шанса на Ристо Вујачиќ, Даниел Ѓорѓески, Мартин Поповски и Иван Димитровски да играат во СЕХА Лигата. Првпат сезонава шанса да игра во регионалното натпреварување ќе добие десниот бек Ристо Вујачиќ.

Во Скопје останаа Арпад Штербик, Вуко Борозан, Стојанче Стоилов, Алекс Душебаев и Данил Шишкарев. Дел од нив се жалат на повреди, а некои треба да ја завршат терапијата што веќе ја почнале.

„Ние сме на првото место на табелата и треба да сториме се таму и да останеме. Вардар е во добра позиција и за нас е важно да победиме, зашто после овој дуел претстои пауза за настап со репрезентациите. Треба да останеме фокусирани на мечот, и паметиме дека лани победивме со само еден гол. Тогаш Татран играше многу добро и тоа е знак за нас да бидеме претпазливи зашто и тие знаат да бидат многу опасни. Ќе играме со некои помлади играчи и верувам дека ова е прилика да ги покажат сопствените можности и потенцијал.“ – изјави Раул Гонзалез, тренерот на Вардар.

Татран само еднаш победи сезонава во СЕХА Лигата, и тоа во второто коло на гости кај Нексе, 31:25, а загуби на два домашни натпревари (Целје и Мешков, и на гостувањата кај Металург, Вардар и ППД Загреб). Словачкиот првак игра и во Ц групата од лигата на шампионите, и таму има две победи, против Металург и Чеховски медведи, и двете на домашен терен.

„На првиот меч сезонава против Татран успеавме да победиме со голема разлика. Но сметам дека резултатот беше не реален, зашто покажаа дека можат да бидат сериозен тим кој е особено опасен пред домашна публика. Очекуваме тежок натпревар и ќе бидеме фокусирани на победа пред да заминеме на подготовки со националните репрезентации, и да заминеме со позитивна атмосфера.“ – вели Лука Циндриќ.