Вардар – Барселона е натпревар што не смеете да го пропуштите!

Иако во ЕХФ не го прогласија за меч на неделата сите ракометни познавачи и навивачи со нетрпение очекуваат во недела да почне средбата меѓу Вардар и Барселона. Тоа е мечот што според многу параметри е дерби, и тоа сигурно ќе биде оправдано на теренот. Средбата се игра денеска во 17 часот, капацитетот на салата е распродаден, а првпат сезонава беа пуштени во продажба и билети за стоење. Тоа значи дека големата сала во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде вистински вулкан. Традицијата во однос на одиграните натпревари е на страната на Барселона, но сезонава Вардар повторно има квалитети со кој може сериозно да му парира на поранешниот повеќекратен европски првак.

Победникот од оваа средба ќе го запоседне врвот на табелата на Група А, а со реми и двете екипи би биле на првите две места. Вардар ја има најдобрата одбрана во моментов во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ примија само 155 голови на шест средби. Имаат гол разлика од +18. Вардар покажа дека промената на добар дел од ростерот не влијае на амбициите и на перформансите. Македонскиот тим има и две гостински победи, кај Веспрем и Монпелје. Барселона од друга страна го има најдобриот напад пред почетокот на ова коло. Ја има и најдобрата гол разлика, од +41.

А покрај дуелот на терен, пред СЦ „Јане Сандански“ ќе биде подеднаво жешко. Ќе има фан зона, со многу забава, музика и шанса за дружење. Фан зоната ќе биде отворена од 15 часот па се до почетокот на натпреварот, кој стартува од 17:00 часот.