Вардарци со нова рутинирана победа во македонскиот шампионат

Во рамките на седмото плеј-оф коло, Вардар на домашен терен одработи уште еден официјален меч од македонскиот шампионат. Натпреварот со однапред познат победник заврши со резултат 39-21, а Работнички беше рамноправен противник само во воведните две минути од натпреварот. До 15-та минута домаќините во спортскиот центар „Јане Сандански“ имаа предност од 11-4. Шестте погодоци се одржуваа во најголемиот дел од првото полувреме, но македонскиот првак во финишот на првиот дел создаде нова серија која ја заврши Дујшебаев со звукот на сирената за првата двоцифрена предност 22-12.

Во вториот дел, „црвено-црните“ рутинирано го приведоа натпреварот до посакуваниот крај. На местото на Дибиров, Лазаров, Карачиќ и Тоскиќ во вториот дел играа Манасков, Горбок, Циндриќ и Стоилов. Составот на Гонзалес до самиот крај постепено ја зголемуваше предноста која на крајот изнесуваше највисоки 39-21.

Најпрецизни на теренот беа Дујшебаев и Шишкарев со осум погодоци, додека Циндриќ постигна пет. Кај Работнички, Марсениќ беше прецизен пет пати, а Вања Илиќ и Никола Марковски го следеа со четири погодоци.