Вардарци на висински подготовки во Босна и Херцеговина

Ракометарите на европскиот шампион Вардар дел од подготовките ќе ги одработат во Требиње, во Босна и Херцеговина. Вардарци ќе го имаат првиот собир на 24 јули во Скопје и една седмица ќе тренираат во СЦ „Јане Сандански“. На 2 август би требало да заминат за Требиње, и ќе останат десетина дена во комплексот „Град на сонцето“.

Од 9 до 11 август ќе настапат и на турнир со уште пет други екипи – Металопластика Шабац, Извиѓач Љубушки, Леотар Требиње, Борац Бања Лука и словенечката Изола. Турнирот треба да се игра во две групи по три екипи, а секоја екипа ќе одигра по три меча – два во група и еден за пласман.

Потоа „црвено-црните“ ќе се вратат во Скопје, од каде што би требало да заминат за францускиот град Стразбург на „Евро турнир“ од 22 до 25 август, а од 26 август до 1 септември ги чека и настапот на Супер Глоуб во Саудиска Арабија. По неофицијалното светско првенство, веројатно ќе биде одигран и Суперкуп дуелот со Металург, пред стартот на СЕХА лигата и Лигата на шампионите.