Вардарци заминаа за Доха да го освојат „светот“ (ФОТО)

Македонскиот и европско шампион Вардар отпатува за Доха, Катар каде од 25 до 28 август ќе настапува на Супер Глоуб, неофицијалното светско клупско првенство, на кое ќе учествуваат уште седум екипи.

Ова ќе биде прво учество на Вардар, и на екипа од Македонија и соседството што ќе настапува во Катар на неофицијалното клупско СП, во обид да го освојат и петтиот трофеј годинава. По триумфот во СЕХА Газпром лига, во домашниот Куп, Лигата на шампионите и првенството на Македонија ова е шанса да се стигне до петтата титула во една натпреварувачка сезона.

За Катар не отпатуваа левите крила Тоше Ончев и Владо Недановски, како и десното крило Мартин Поповски, но тие во Скопје ќе работат индивидуално и ќе се подготвуваат за стартот на дуелите од СЕХА Лигата и од Лигата на шампионите.

Противник на Вардар во четвртфиналето е иранскиот Нафт О Гашаран, кој е вицепрвак на Азија, а натпреварот е закажан за 25 август во 14 часот. Во полуфиналето вардарци најверојатно ќе се соочат со Барселона, која загуби од шампионот на Ф4 турнирот во Келн.

Фото: rkvardar.mk