Вардарци го гледаа дуелот меѓу Веспрем и Фленсбург, а за кого навиваа? (ФОТО)

Во опуштена атмосфера поголемиот дел од ракометарите на Вардар го проследија почетокот на возватниот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите меѓу Веспрем и Фленсбург. Почетните минути навестија неизвесност откако германците имаа предност од 5-0, но вардарци мораа да заминат на тренинг и да се посветат на утрешниот натпревар клучен за македонскиот шампион и плановите врзани за Ф4 турнирот во Келн.

Секој со свој фаворит Вардарци довикуваа и навиваа за своите миленици. Кај унгарскиот вицепрвак има неколку добро познати имиња кога се во прашање „црвено-црните“, а секако една од клучните алки е и поранешниот тренер на Вардар, а од оваа сезона на Веспрем, Давид Дејвис. Еден од клучните ракометари на Веспрем е и македонскиот репрезентативец Дејан Манасков кој го носеше дресот на Вардар 2016 година. На спротивната страна само можеме да претпоставиме за кого навиваше единствениот германски интернационалец во редовите на Вардар, Кристијан Дисингер…

Во фоајето на Хунгест Хотел Форас расположението беше на вистинско ниво, а Вардарци победникот од овој дуел ќе го дознаат по тренингот во спортската сала во Сегед која утре ќе биде домаќин на реванш натпреварот меѓу Вардар и унгарскиот првак Пик Сегед.