Вардарова “фиеста” во Унгарија!

Екипата на македонскиот шампион ЖРК Вардар е победник на ракометниот турнир “Хендбол фиеста” 2014 кој се одржа во Унгарија. Вардарки во финалето го совладаа Ларвик со 25:24(12:15), и најавија атак на европскиот врв во престојната сезона.

Екипата на Ларвик поведе од самиот почеток на натпреварот и имаше постојано водство во првото полувреме. Андреа Пенезиќ беше најрасположена вардарова ракометарка на почетокот на натпреварот постигнувајки 3 од првите 4 погодоци за Вардар. Но одбраната не беше на задоволително ниво, нападот фунционираше повеќе индивидуално, момент кој скандинавките добро го искористија и поведоа со 3-7 во првата половина од првото полувреме. Македонскиот шампион преку двете серии на Сираба Дембеле успеваше да се врати на еден гол негатива (7-8) и (10-11), но Ларвик секогаш имаше против одговор и успеваше да го одржи своето водство помеѓу 3 и 4 голови разлика, за конечни 12-15 за норвежанките по 30 минути игра.

Второто полувреме започна лошо за “црвено-црните” кои веќе по три минути игра имаа негатива од пет голови (12-17). Но во наредниот период од натпреварот “вардарки” ја подигнаа играта во одбраната, по што и нападот постигнуваше многу полесни голови, а предноста на Ларвик се топеше. На половината од вториот дел најпрво Андреа Лекиќ со гол од седум метри го донесе првото израмнување на овој натпревар (20-20), а веќе во наредниот напад Дембеле преку контра го донесе и првото водство за македонскиот шампион (21-20). Од тој момент па се до крајот “вардарки” беа поконцентрирани и успеаа да го задржат водството до самиот крај за конечни 25-24 и прва титула на ракометниот турнир “Хендбол Фиеста” 2014.

Најпрецизна ракометарка во “црвено-црниот” состав беше Сираба Дембеле со 6 постигнати погодоци, додека Черноиваненко 4 пати се запиша во листата на стрелците.