Вардарки тргнаа со плус три, а требаше да го згазат тимот на ФТЦ Раил Карго

Вардар не дозволи да се случи грешката од стартот на ланската сезона и годинава го надигра истиот противник од Унгарија и тоа уште после 30 минути игра. Ова беше почеток кој е гаранција за една убава сезона во Лигата на шампионите, каде што целта е нов пласман на завршниот турнир во Будимпешта. Конечните 34:31 не се слика за она што беше на теренот бидејќи Вардар мораше да победи со двоцифрена разлика на овој дуел.

Почетокот на средбата беше фајтерски од двете екипи и речиси се играше без одбрана. И едниот и другиот тим лесно успеваа да стигнат до погодок. Грешките беа минимални, но распоредени подеднакво на двете страни така што имаше многу голови во првите 15 минути од средбата.

Вардар постојано беше во предност од еден гол, но противникот редовно успеваше да израмни.

Првите плус два гола се случија во 9. минута од средбата после одбрана на Амандин Лејно. Веќе во следниот напад Радичевиќ погоди за 6:4 и тоа беше првото зголемување на минималното водство. Овие два гола се одржуваа седум минути. Гостинките од Унгарија успеваа да намалуваат на еден погодок негатива, но не и повеќе. Дури во 17. минута од средбата стигнаа до ново израмнување и тоа на 10:10.

Вкупно 17 минути им беа потребни на Парондо и Дибирова да видат каде треба да засилат во одбраната. Позициите откаде што доаѓаа лесни погодоци, а идеа преку средината и преку пикер наеднаш беа комплетно затворени, па гостинките не ни успеваа да го видат голот на Лејно цели девет минути. Во тој период Вардар направи серија од 8:0 и во 25. минута од средбата имаше 18:10 што беше најава за голема позитива на паузата.

Ковачиќ реализираше во 26. минута за 18:11, но тоа беше единствениот погодок за 13 минути игра после десетте постигнати во првите 17 од првото полувреме. Вардар реализираше уште двапати и на одмор имаше 20:11. Сигурни девет гола во едно пеколно прво полувреме со два различни периоди од „црвени-црните“.

Во второто полувреме головите паѓаа премногу брзо. Исто како и на стартот на средбата се влезе со сите сили во напад и се правеше се што може за да се дојде до гол повеќе. Унгарките дури успеаја и да намалат на шест разлика (23:17, 37 минута), но тоа им беше најмалата разлика до која дојдоа. Вардар имаше контрола на резултатот, па во 45. минута беше вратена позитивата од девет гола, 30:21.

Минута подоцна првпат на мечот беше обезбедена двоцифрена позитива откако Цвијиќ реализираше уште еднаш во серија за 31:21. Разликата беше задржана до десет минути пред крајот, кога дојде до мало опуштање, па со четири гола во серија од кои три беа на Фалувеги гостинките на шест минути пред крајот стигнаа до 33:27.

Осумте минути без гол на Вардар беа прекинати во 57. минута кога Андреа Лекиќ реализираше за 34:27 и тука беше ставен крај на сите надежи на гостинките за позитивен резултат. Во последните пет минути Вардар играше без голман, а тоа отвори простор за гостинките да ја наполнат празната мрежа и на тој начин да се спасат од катастрофа за конечни 34:31.

ВАРДАР – ФТЦ РАИЛ КАРГО      34:31 (20:11)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Јоана Бремер и Агњешка Сковронек од Полска. Делегат: Јанко Пожежник од Словенија.

ВАРДАР: Лејно (10 одб.), Суслина (3 одб., 1 сед.), Радичевиќ 2/7, Кликовац, Саздовска, Кузњецова 1/1, Лазовиќ 1/1, Пенезиќ 6/10, Керамичиева 0/1, Чанаџија 3/3, Лакрабер 6/10, Хмирова, Цвијиќ 7/7, Лекиќ 7/10, Петровиќ, Ристовска 1/1

Седмерци: 5/6, Исклучувања: 10 мин.

ФТЦ РАИЛ КАРГО: Шикора (7 одб. 1 сед.), Биро (1 одб.), Шацл 1/2, Шузански, Шекереш, Мешарош 0/1, Ван дер Хејден 2/3, Мартон 2/2, Лукач 0/3, Снелдер 6/6, Пена Абауреа 6/9, Хафра 0/1, Фалувеги 7/9, Јовановиќ 4/11, Ковачич 3/7, Хорњак

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 8 мин.