Вардарки супериорни против Савехоф!

Ракометарките на ЖРК Вардар на супериорен начин го продолжија натпреварувањето во групата 2 од главната рунда на ЕХФ Велукс Лигата на шампионите во женска конкуренција. По катастрофалниот пораз од Будуќност, вардарки целиот бес го истурија на фенерџијата Савехов кој го совладаа со 37-25(19-10), по што со осум бодови се искачија на третата позиција во групата 2.

ЖРК ВАРДАР-САВЕХОФ 37-25 (19-10)

Првиот гол на натпреварот беше дело на Енхернинг за водство на Савехов од 0-1, а на спротивната страна врати Алтхаус за израмнување на 1-1. Шведскиот шампион успешно парираше до 12.минута кога резултатот на семафорот гласеше 8-8. Од тој момент македонскиот шампион заигра поангажирано во одбраната,Суслина стигна до одлични 10 одбрани на полувреме а Пенезиќ и Лекиќ искомбинираа седум погодоци што беше доволно црвено-црните девојки со фантастична серија 11-2 да стават крај на првиот дел. Андреа Кликовац со звукот на сирената ги постави конечните 19-10 по триесет минути игра.

zrk vardar-savehov-4

Веќе на стартот на вториот дел Пенезиќ со својот петти погодок донесе двоцифрена предност за вардарки 20-10.Фантастичната игра на македонските шампионки продолжи до самиот крај на натпреварот. Најпрво Дембеле по одлична контра ги донесе највисоките 30-16,  а остатокот на натпреварот беше чиста формалност. До крајот шанса за настап добија и младата Петковска на голот, и Сара Ристовска на десната крилна позиција,а натпреварот заврши со убедливи 37-25   кои треба да внесат голема доза на самодоверба кај вардарки пред тешкото гостување во Романија против екипата на Букурешт.

zrk vardar-savehov-5

Најпрецизни во таборот на македонскиот шампиоон беа Лекиќ и Пенезиќ со шест постигнати гола. Во екипата на Савехов Ериксон постигна седум.

Следниот натпревар вардарки го играат на 16 февруари во Романија против екипата на Букурешт.