Вардарки станаа шампионки во пионерска конкуренција

Најмладите ракометарки на Вардар сезоната ја крунисаа со шампионската титула во пионерската конкуренција. Во финалето избраничките на Анжела Платон и Марија Папуџиева беа подобри од Стружанка со 20:18 (11:9), а вардарките Вероника Ѓорѓиевска, која е и најдобар голман на турнирот, средниот бек Бојана Коцева, која е и најдобар играч на турнирот, и левиот бек Сара Стефаноска се најдоа во Ол-стар тимот на Ф4 турнирот.

Вардарки целата сезона имаа беспрекорни резултати, завршувајќи го и регуларниот дел од натпреварите со максимален учинок. Искуството кое го собираат во натпреварите во кадетската конкуренција, го искористија да се наметнат како непобедливи меѓу врсничките во пионерската лига.

„Црвено-црните“ турнирот го почнаа со полуфиналето против охридската екипа Сани 14 и победа од 26:14. Лесниот триумф им обезбеди место на вардарки  во натпреварот за шампионската титула, каде ги чекаше Стружанка, која беше првопласирана во групата два по регуларниот дел од натпреварите.

Тимската игра ги одвои вардарки од противникот во финалето, кој имаше подобар старт на мечот. До ремито од 6:6, Стружанка имаше предност од неколку голови, кои вардарки лесно ја стопија и го превземаа водството. До крајот на полувремето Вардар имаше позитива од 2 гола за 11:9. Противничките во второто полувреме се обидоа да се вратат во водство, но вардарки не попуштија.