Вардарки се разбудија, беа надмоќни на гостувањето кај Стружанка

По поразот во претходното коло од екипата на Куманово на домашен терен, ракометарките на Вардар брзо се вратија на победничките патеки, па овој пат славеа на гостувањето кај Стружанка со 34:24.

На самиот старт на мечот Стружанка имаше проблеми со реализацијата на нападите и Вардар направи предност. Поведе со 4:0, а потоа и 12:5 за мирно продолжение на натпреварот. До одморот продолжи доминантната игра на вардарки кои по првото полувреме имаа водство 19:8, со што практично ја обезбедија победата.

Второто полувреме почна во ист стил како што заврши првото, Вардар продолжи да го полни голот на Стружанка и во еден момент имаа највисока предност од 13 гола. До финишот тимот од Скопје мечот  рутински го приведе до крај и ја забележа втората победа во плеј-офот.

Ивона Трпевска беше предводничка на победата на Вардар со постигнати 11 погодоци, а во екипата на Стружанка, Теодора Маркоска постигна седум, додека Стефанија Дурацоска беше шестпати прецизна.

СТРУЖАНКА – ВАРДАР                24:34 (8:19)

Сала: „Нико Нестор“ во Струга. Гледачи: 300. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола. Делегат: Ацо Николовски од Скопје.

СТРУЖАНКА: Ристоска, Митоска, Дукоска, Јовичинац 4, Голабоска, Маркоска 7, Переска, Дурацоска 6, Затуроска, Ѓоршулеска, Јусуфи, Балоска, Петреска 2, Делиоска 5.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 8 мин.

ВАРДАР: Грујовска, Илиќ, Ѓеоргиевска 6, Божиновска, Џатевска, Трпевска 11, Гроздановска 1, Костовиќ 1, Миновска 1, Седлоска 6, Коларовска 2, Јаковчевска, Петковска 1, Стаменкова 1, Дамјановска 1, Николиќ 3.

Седмерци: 5/5, Исклучувања: 14 мин.