Вардарки против Ларвик ќе темпираат форма за Лигата на шампионките

Во недостиг на квалитетни натпревари во домашното првенство, ЖРК Вардар веќе четврта сезона ја започнува битката за ракометниот трон на Европа. Најголем проблем кај Вардарки е одржување на натпреварувачката форма за 14-те европски натпревар кои треба да го одведат македонскиот првак до првата европска титула. Затоа управата на клубот се обидува да најде квалитетни решенија со кои ќе ја пополни таа празнина и ќе го одржи натпреварувачкото ниво на екипата.

Норвешкиот првак Ларвик ќе му биде спаринг партнер на Вардар на почетокот на септември во Скопје. Двата тима ќе одиграат два контролни натпревари кои ќе бидат и првите официјални натпревари на екипата на Вардар во новата натпреварувачка сезона.

Vardar Larvik

Како што информираше клубот преку својата официјална страна, а според договорот на двата тима, натпреварите ќе се одиграат на 3 и 4 септември во Скопје. Двата тима ќе бидат во комплетен состав со сите интернационалци кои сега настапуваат на Олимписките игри во Рио. Минатата сезона, Вардар и Ларвик играа во четврт-финалето на Лигата на шампионите, по кое „црвено-црните“ обезбедија настап на Ф4 турнирот.
Иако во Скопје ќе дојдат без иконата на клубот, Нора Морк која замина во Ѓер, величината на норвешкиот првак и неговите титули говорат за квалитетот и традицијата на клубот. Ларвик е поранешен европски првак од сезоната 2010/2011, и уште двапати беше финалист 2012/2013 и 2014/2015. Исто така има и две титули во КПК, и еднаш беше финалист, а во финале играше и во Купот на ЕХФ.