Вардарки покажаа сила, но си заминаа без бодови од Куманово

Екипите на Куманово и Вардар го одиграа првиот натпревар од 7. коло во плеј-офот од Женската лига, а домашните славеа со 32:28 во израмнет натпревар до самиот крај.

Двете екипи во првиот дел имаа свои добри минути. Куманово рано уште во 8. минута направи предност од 6:3, а Вардар со одлична игра во одбрана и брза реализација на нападите успеа да стигне до пресврт и водство 7:8 во 15. минута. До крајот на првиот дел продолжи максимално израмнетата и борбена игра. До крајот на полувремето ниту една екипа не успеа да обезбеди предност, па после 30 минути игра беше 14:14.

Домашната екипа добро го отвори вториот дел и успеа да поведе со 17:15. Сепак, ракометарките на Вардар брзо се вратија и стигнаа до израмнување. Борбата на теренот сè повеќе се разгоруваше, а кумановки подобро се снаоѓаа во таква игра и на половината на вториот дел имаа предност од 25:22. Вардар се обидуваше да стигне до израмнување, но домашните успеваа да ги одбијат налетите предводени од левиот бек Ана Шарановиќ која имаше одличен настап и беше прецизна во клучните моменти.

Незвесноста траеше до самиот крај кога концентрацијата на Вардар опадна, а избраничките на Ненад Краљевски не пропуштија да ги казнат и да запишат нови три бода. Најефикасна во составот на Куманово беше Шарановиќ со седум гола. Во гостинскиот состав Андреа Седлоска шестпати ја затресе противничката мрежа и беше надобар стрелец во својот тим.

Ова беше одлична најава за Куманово пред полуфиналниот дуел во Купот на Македонија против Металург, но и за вардарки кои ќе играат во другото полуфинале против Стружанка. Завршницата на Купот на Македонија се игра од 9 до 11 мај во Куманово што е одлична можност за домашниот состав да се обиде да стигне до трофејот.

КУМАНОВО – ВАРДАР   32:28 (14:14)

Сала: СОУ „Перо Наков“ во Куманово. Гледачи: 300. Судии: Ѓоко Колевски и Сашо Кркачев од Скопје. Делегат: Марјан Огњановски од Скопје.

Куманово: Марковиќ, Живковска, Трајковиќ 6, Боризовска 3, Дичковиќ, Шарановиќ 7, Петковска 1, Стoјчевска, Кипријановска, Наумоска, Глигоријадис 4, Краљевска, Радевска, Цветановска, Дабевска 6, Димова 5.

Седмерци: 2/2. Исклучувања: 8мин.

Вардар: Трајковска, Ѓоргиевска 1, Божиновска, Грујовска, Џатевска 1, Трпевска 2, Гроздановска, Костовиќ 2, Диневска 3, Миновска 2, Седлоска 6, Коларовска, Петковска 3, Васевска, Дамјановска 3, Николиќ 5.

Седмерци: 3/3. Исклучувања: 10 мин.