Вардарки на максимум во ЛШ: Ристовска и Суслина господареа против Ларвик

И во 3. коло од Лигата на шампионите екипата на Вардар забележа победа овој пат на гостувањето кај Ларвик со 31:19. На тој начин беше продолжена серијата која тргна со дуелот против ФТЦ Раил Карго, а продолжи со Турингер, па Вардар е убедливо на врвот во групата Ц.

Ова беше средба на која Ина Суслина и Сара Ристовска беа во центарот на вниманието бидејќи успеаја да прикажат одлична игра. Суслина бранеше неверојатно, а Ристовска биеше без грешка во нападот што секако беше посебно значајно на овој меч.

Почетокот на средбата мина во грч. Вардар не влезе најдобро во средбата, а Ларвик беше постојано во водство. Во 8. минута од мечот успеа да стигне до 5:2 и ова беше знак за брз тајм-аут. Парондо и Дибирова немаа избор и мораа да советуваат, а тоа даде резултат бидејќи за шест минути со серија од 5:0 екипата на Вардар комплетно ги сврте работите во своја корист.

Вардар водеше со 7:5, но не успеа да отиде на поголема разлика. Имаше некои грешки во нападот, Радичевиќ никако не успеваше да погоди, па во 22 минута, Ларвик имаше нерешени 9:9.

Тука работите почнаа да се менуваат. Одбраната на Вардар стана поцврста. Сара Ристовска успеа да го направи она што не и успеа на Радичевиќ и беше творец на голема серија. Вардар имаше 7:0 во последните осум минути, а од нив четири гола беа на Ристовска. Покрај тоа имаше и една асистенција така што беше најдобра во завршницата од првото полувреме кое заврши со нејзин погодок во последната секунда. Резултатот од 9:16 беше круна на сето она што беше направено во последните осум минути од првото полувреме.

Вториот дел од средбата беше сосема поинаква приказна бидејќи Вардар можеше да одигра посмирено. Вардар набрзина направи плус девет, но никако не успеваше да зголеми на девет гола разлика. Ларвик успеа да се одржи во негативата од полувремето бидејќи се враќаше на заостанувањето коешто го имаше на паузата.

Суслина бранеше одлично и не дозволуваше Ларвик да дојде до помала негатива, но тешко се стигаше до плус десет. Одбраните се користеа за да се држи предноста на девет гола. Сепак, конечно беше надмината границата и во 51. минута дојде до 26:16 за Вардар така што во финишот од средбата беше јасно дека ова се нови два бода за „црвено-црните“ кои доминираат во својата група.

Во финишот на терен се најдоа и оние ракометарки кои немаат минутажа, па ова беше одличен ден за сите да одиграат и да учествуваат во новата голема победа во Лигата на шампионите.

ЛАРВИК – ВАРДАР         19:31 (9:16)

Сала: Болигмапа во Ларвик. Судии: Борис Мандак и Марио Рудински од Словачка. Делегат: Аријана Војиќ од БиХ.

ЛАРВИК: Рундбратен (9 одб., 2 сед.), Дијаз (3 одб.), Бергум 0/2, Дуволт, Локен 0/2, Ривас 3/5, Хејделберг, Брејстол 3/8, Волф 3/4, Рот 2/5, Толбринг 1/3, Хјертнер 1/7, Кристенсен 4/7, Лима 2/3.

Седмерци: 0/2, Исклучувања: 2 мин.

ВАРДАР: Суслина (15 одб., 2 сед), Лејно, Радичевиќ 2/7, Кликовац, Саздовска 0/1, Кузњецова 4/5, Лазовиќ 3/5, Пенезиќ 6/9, Керамичиева 1/2, Чанаџија, Лакрабер 1/3, Хмирова, Цвијиќ 2/3, Лекиќ 5/8, Петровиќ 1/1, Ристовска 6/6.

Седмерци: 0/2, Исклучувања: 4 мин.