Вардарки на максимум: Будуќност сезонава нема шанса со „црвено-црните“

Вчерашната победа од 32:29 над Крим Меркатор беше вкупно трета за екипата на Вардар во Регионалната лига во женска конкуренција за оваа сезона. Со оглед на тоа што играат само три екипи денешниот дуел против Будуќност од 16 часот ќе биде можност за нова максимална четврта победа со што „црвено-црните“ ќе го зацврстат врвот на табелата.

Вардар покажа уште на првиот турнир во Подгорица дека сезонава нема да има проблеми да го одбрани трофејот освоен лани кога во лигата беше и Подравка. Сепак, сега ситуацијата е поинаква, па вардарки само потврдуваат дека и во ваков распоред на натпревари и во ваква ситуација можат да одат на највисокото место.

Како што можеше да се види вчера и без Цвијиќ на пивотменската позиција беше одиграно квалитетно, па сосема извесно е дека и денеска од 16 часот ќе биде виден нов одличен меч. Репрезентативката на Србија нема да биде во комбинација, а сигурно е дека Дибирова и Парондо ќе им дадат шанса и на ракометарките кои вчера не беа во прв план.

Инаку, сезонава Вардар веќе двапати го совлада Будуќност, па се очекува и третпат да успее во тоа и да продолжи со доминацијата во Регионалната лига. Првиот пат тоа се случи на турнирот во Скопје, а вториот пат на првиот турнир од Регионалната лига така што сега на неутрален терен се очекува повторување на успешната форма.